Visit the FUEN Site Visit the EFA Site Political Party of the Macedonian Minority in Greece
 

 

До кога „Глувите“ ќе глувеат?

(Кофос на грчки значи глув)

read this page in English | read this page in Greek

 

Во натписот на Г-дин. Евангелос Кофос кој беше објавен во Катимерини на 03.02.2007 а кој се однесува на македонското прашање, меѓу другото се вели:

„ Се разбира дека преименувањата на скопскиот и охридскиот аеродром во „Александар Велики“ и „Апостол Павле“ предизвикаа возбуда во грчката јавност...“

Секако дека освен возбуда преименувањата предизвикаа и револт. Но почитуваниот господин не објаснува зосшто грчката јавност е „возбудена-револтирана“ од еден таков потег? На пример, иранскиот претседател го „возбудува-револтира“ многу повеќе постоењето на израелската држава и употребата на зборот „Холокауст“, бидејќи според него такво нешто немало. Сепак големото мнозинство на овој цивилизиран свет го „возбудуваат-револтираат“ токму такви изјави од типот на оние што ги дава иранскиот претседател? Значи неминовно се поставува прашањето: како и под кој услов се одредуваат принципите и примерите? Која е улогата на образованието, како и на историчарите во оваа процедура? Нели, обрзовниот систем, информирањето, идеолошката корист на историјата, системот на општествените вредности во една земја и едно општество влијаат секое посебно или заеднички, како основни компоненти во одредувањето на причините кои не „возбудуваат“ или пак „револтираат“? Ако на пример, некој уште од самото наше раѓање не учел дека црната боја е лоша, тогаш сигурно ќе бевме „возбудени-револтирани“ при самата појава на било кој црнец? Колку во нашата земја информирањето е плуралистичко по таканаречените национални прашања за да не се „возбудуваме-револтираме“ без причина, гледајќи што е можно пообјективно на прашањата од таканаречен национален интерес?

Понатаму Г-дин Кофос пишува дека потегот „... ја разбуди повторно чуствителноста кон фалсификувањето и присвојувањето на симболи и личности од грчкомакедонскиот идентитет и културното наследство.“

Генерално кажано за Г-дин Кофос и неговите истомисленици е „навредливо“ што соседите се нарекуваат Македонци и си ја викаат државата Македонија. Затоа ќе се обидам да станам „адвокат на ѓаволот“ и да ги поставам следниве прашања:

Нели се „возбудува-револтира“ меѓународната научна јавност, нели се фалсификува историјата кога некој народ го присвојува поимот „Елинас-елинизам“ кога е познато и научно докажано дека во поширокиот балкански регион, вклучувајќи го и регионот на денешната грчка држава, се појавиле, останале и го оплодиле овој простор, како пред Античките Елини, така и после нив, безброј народи и култури како што се Римјани, Словени, Авари, Арапи, крстоносци, Бугари, Латини, Власи, Арнаути, Турци, Роми (Ѓупци), Ерменци, и други со сите можни меѓусебни комбинации за сите овие години? Со кое право историјата се стопира исклучиво во 2300 година п.н.е.? Зошто нашата држава Грција не ја следи логиката на „научната вистина“ и да си одбере друго име од ова име „Елас“? Со кое право се бира конкретниот историски период за именување на државата и поистоветувањето на денешните „Новогрци“ со „Античките Елини“? Со кое пак право денешните Новогрци имаат ексклузивитет во античкото минато на овој историски период, поистоветувајќи се со Сократ, Перикле и од неодамна со Александар Велики?

Друго прашање кое логички следи е следново: Од кога во Грција почнува да се „разбудува чуствителност“ кон употребата на терминот „Македонија“ од страна на друг народ? Во периодот 1945-1990 година во Грција многу малку луѓе се „возбудувале-револтирале“ од терминот „Социјалистичка Република Македонија“. Ако гледаме неколку децении наназад ќе воочиме дека не само што грчката јавност не ја „возбудуваше-револтираше“ терминот „Македонец-Македонски“ туку и имаше мислење дека македонштината и грцизмот односно елинизмот немаат никаква врска. Најкарактеристичен пример е изјавата на грчкиот премиер (великан за поновата грчка историја) Халираос Трикупис, кој при крајот на 19-ти век (1880 година) пред грчкото собрание го изјавил следново: кога ќе дојде големата војна, Македонија ќе стане грчка или бугарска врз основа на тоа кој ќе биде победникот. Ако ја земат Бугарите, воопшто не се сомневам дека ќе го словенизираат населението се до границите на Тесалија. Ако ја земеме ние, ќе ги направиме сите до еден Грци.“ Значи тогаш воопшто не беше логично и прифатливо дека македонштината е составен дел од грцизмот-елинизмот. Ако историските случувања биле поинакви и се создадеше македонска независна држава во исто време со другите балкански држави, никој денес во Грција немаше да зборува за copy-right околу името Македонија. Среќата или несреќата на македонскиот национализам е дека се раѓа подоцна од другите веќе формирани балкански национализми што резултираше со создавањето на државите Грција, Србија и Бугарија.

Кога веќе зборуваме за Грција, „проблемот“ започнува кога се прави обид да се прошири „грчкиот национален мит“ во просторот на Македонија после нејзината окупација (според тврдењето на Трикупис) и тоа после 1912-13 година. Во децениите пред балканските војни, никој не зборуваше за таканаречениот грчки карактер на Македонија. Грчките историчари систематски го кријат од грчката јавност фактот дека македонскиот национализам се роди малку пред 19-от век, кога во Грција абер немале околу македонските работи, значи пред „проширувањето на грчкиот мит“. Накратко кажано, тогаш некои луѓе решиле да се самоопределат како Македонци, да прозборат за македонската нација-држава, присвојувајќи-носејќи македонски идентитет како посебен национален идентитет кој за нив беше различен од веќе создадените национално-државни идентитети во Грција, Србија и Бугарија. Со други зборови, пред да почне новосоздадената грчка држава да ја присвојува македонштината, други веќе ја одбрале како суштински елемент на сопствениот идентитет. За жал во нашата држава не постои соодветно информирање, ниту пак соодветно образование за овие теми и поради тоа грчката јавност денес несреќно се „возбудува-револтира“

Грчкиот националист денес се плаши дека после независноста на Република Македонија и со македонштината како одвоен и различен термин од елинизмот, се создава „големиот противник“ кога станува збор за таканаречениот национален мит. Држава со име Македонија е a priori светилка на македонштината со меѓудржавните односи, научно-образовните институции во земјата и во странство, со политичките институции како амбасадите и козулатите и сл. Токму затоа некои кругови во Грција тврдат дека битката за името Македонија е загубена. Бидејќи горенаведениот процес од неодамна е веќе започнат. Против Сократ и Перикле кои со години биле и уште се „јадицата“ за „елинизирање“ на хетерогеното од јазичен и културен аспект население во државата, застанува Александар Велики јавнат на Букефал кој претставува погодна почва за „македонизирање“ на исто така хетерогеното население. Тоа е вистинска катастрофа за грчкиот национализам кој со децении ја има создавано следната слика на современиот Грк; кој го носи шлемот на Перикле, ја носи облеката на Колокотронис (Грк со албанско потекло, национален херој во борбата против Турците), во едната рака држејќи го мечот коли Турци, во другата го држи православниот крст, а во последните децении и го јава Букефал. Навистина суреалистична слика која асоцира на сликите на Дали. Секако ќе биде жално ако комшиите се обидат да направат слична слика-карикатура на грчкиот национализам, но тука се поставува прашањето: ако една држава како нашата, имаше право да го создаде својот национален мит земајќи елементи од античката историја, дали би требало истата да го почитува правото и на една друга држава да создава сопствен мит со слични елементи?

Аргументацијата на Г-дин Кофос околу македонскиот иредентизам има една слаба точка или подобро кажано, една црна дупка. Таа црна дупка е македонското малцинство во Грција. Самиот Мицотакис го признава истото при дискусиите во Националниот совет на Грција во почетокот на 90-те под покровителство на тогашниот претседател на републиката Караманлис (чичкото на денешниот премиер) каде вели: „единствената наша грижа  беше да не се отвори второ малцинско прашање во Северна Грција...“ На Г-дин. Кофос и на грчките политичари им е тешко да ја додадат малцинската алка во синџирот на грчката аргументација околу иредентизмот. Кога би го сториле тоа, автоматски би требало да следи признавање и почитување на правата на македонското малцинство во Грција. Аргументот што би го користиле грчките политичари пред меѓународната заедница теоретски би можел да гласи вака:

Господа, ако државата која се наоѓа на Север од нас се вика Македонија, се плашиме дека во иднина ќе изрази иредентистички ставови спрема Грција бидејќи во нашата држава постои македонско малцинство.

Но грчките политичари не го кажуваат тоа знаејќи го одговорот кој не може да биде друг освен:

Почитувајте ги правата на малцинството за да не дојде до конфликтни ситуации.

Затоа наместо тоа грчката држава јалово настојува да ја убеди меѓународната јавност зборувајќи за „бабини деветини“ околу културните наследства и опасноста од една сосема мала и слаба држава на Север. Македонското малцинство во Грција е слабата карика во ланецот на грчката аргументација не само околу „македонскиот иредентизам“ туку и околу македонското прашање во целина.

Ајде сега да го поставиме прашањето околу именувањата од друга перспектива. Имено; Дали треба сите жители на Грција што зборуваат за Скопјанци, Словени, Славофонои, Славомакедонци, Скопје, ФИРОМ, БЈРМ и сл. да се „возбудат-револтираат“ ако граѓаните, политичарите и мас-медиумите во Република Македонија почнат да се обраќаат кон Грција и Грците со слични термини како на пример: „Грекиа“ наместо Елада, бидејќи точниот превод на зборот Greece е токму Грекиа а не Елада како што ја викаме. Дали ние тука во Грција ќе се „возбудиме-револтираме“ ако се користат термини како Словеногреки, Грековласи, Грекоѓупци, Туркогреки и сл. бидејќи несомнено јазично-културниот мозаик на современата грчка држава ја сочинуваат елементи токму од овие култури и јазици, наместо терминот Ellinas со кој се самонарекуваат граѓаните врз основа на правото на самоопределување?

За оние кои имаат елементарно познавање на социјалните и политичките науки работите се едноставни. Познато е кога и како се создале современите нации-држави и идеологијата на национализмот воопшто. Имено, тие се родија после колапсот на феудализмот на европските простори пред два-три века. Се развиваа и понатаму и денес нациите-држави постојат како историски, економски и политички субјекти заради различниот начин на организирање на производството и работата во минатото како резултат пред се на индустриската револуција. Исто како што и денес револуцијата во електрониката, комуникациите и новите технологии водат кон создавање на пост-националдржавни општествени колективитети. „Политичките елити создале „имагинарни колективитети“ - нации како што коментираат Бенедикт Андерсон и Ерик Хобсбаум во нивните дела расправајќи се и анализирајќи го феноменот нација-држава во современото време. Предуслов при овој обид на создавање нација-држава беше создавањето на „заеднички национален идентитет“, „национална хомогенизација“, и основната алатка при овој процес беше „идеолошката корист на историјата и културата“ со историчари од ковот на Кофос. Покрај тие мерки, секако се спроведувале и помалку човечни мерки како што се етничките чистења, колежи, војни и слично. Главни цели на „нацијата-држава“ биле територијалната експанзија, економското преовладување, сето тоа многу пати во името на таканаречените национално-државни интереси, а понекогаш и во името на верата и религијата. Сето ова за среќа е минато со ретки исклучоци и Европа денес чекори по други патишта.

Мнозинството на грчките граѓани денес се сметаат за Грци-Елини и се самоопределуваат така без разлика на јазичното и културното минато и на процесот на „садење свест“ или „перење на мозокот“ (како што вели Г-дин Кофос) околу сопствениот идентитет. Одлично! Но ако тој процес и самата реалност ги почитуваме како аксиома-аргумент за нас, нели треба истото да го почитуваме и кај другите? Во суштина никако не може да се извади заклучок дека употребата на името Република Македонија го иззема правото на нашата држава и понатаму да го вика регионот на Северна Грција, на пример, Периферија на Македонија како што се и Периферија Тесалија и Периферија Пелопонез, што впрочем е и случај. Исто така употребата на терминот Македонец никому не му го одзема правото на граѓаните во Северна Грција да се самонарекуваат Елино-Македонес (Грци-Македонци) без разлика што сите овие многу подоцна почнале да го користат овој термин за себе. Се разбира дека во тој случај би требало да се направи ревизија на грчкиот национален мит, но време е и тоа да се направи.

Навистина е зачудувачки како еден од главните создавачи на грчката политика во однос на македонското прашање, Г-дин Кофос, не го воочува слепилото на спроведената грчка идеологија и политика во последните неколку години што се однесува на горенаведеното прашање. Политика, што најблаго кажано од економска гледна точка им наштети катастрофално на граѓаните на Северна Грција со разни ембарга, со минимизирањето на прометот на луѓе и стоки, со немањето со години на обострани инвестиции и така натаму. Од политичка гледна точка направи грчката надворешна политика да стане резил  на европската и поширока политичка сцена. Неодамнешен пример се „симпатичните“ изјави на Премиерот Караманлис во Стразбур: „...се чуствувам Македонец како и 2,5 милиони Македонци во Грција. Значи „глупавите“ европјани како да не знаат дека повеќе од половината од денешното население во Северна Грција не знаеле каде била Македонија кога биле донесени на овој простор после 1922 и 1928 година. Или пак како да се неписмени европјаните кога станува збор за почитување на правото на индивидуална и колективна самоидентификација. Овој принцип денес ги карактеризира прогресивните и демократските општества преку кои секој поединец или колективитет има право, може да биде, и е почитуван кога одбира национална припадност според тоа како му налага сопствената самосвест.

Навистина би било несреќно да се започне дијалог со Г-дин Кофос, главниот ментор на грчката политика во однос на македонското прашање, постојан советник во последните дваесетина години на сите министри за надворешни работи на Грција. Прашањето е кога „историчарот“ ќе се извини на грчките граѓани, заедно со „Самарас-овци“ за ќорсокакот во кој ја доведоа грчката политика.

Кога политичката власт во Грција ќе престане да биде заложник на една политика на која е „глув“ современиот свет? Кога ќе разбере дека „историчари“ и „советници“ од типот на Кофос му припаѓаат на едно време кое веќе е минато? Барем колку за да не се доаѓа во ситуација во која дојде неодамна и грчкиот Премиер, но и грчката политика на меѓународната сцена во последните дваесетина години...

Павле Филипов Воскопулос
Член на колективното раководство на ЕСА-Виножито

 

ПС бр. 1 Историски постскриптум

Г-нин Кофос го нарекува Охрид, Ахрида. Очигледно за да асоцира на грчкиот збор Ахтида (што значи зрак). Дали може да не информира каде го најде ова име? Во која карта? Од кога? Од кој? Дали може да ни каже кои биле грчките имиња на топонимите на селата во грчката Македонија како и микротопонимите пред 1912-13 година во истиот регион за да го поткрепи ставот околу таканаречениот грчки карактер на Македонија? Со тоа што употребува грчки имиња за македонски градови, нели не става во ситуација да помислиме дека тој има територијални аспирации?

ПС бр. 2 Историски постскриптум

Во десетици и стотици карти во грчките учебници се забележани „незаборавните“ и „изгубените“ татковини на Грците во Мала Азија и Северен Епир во Албанија. Некои од тие карти се поставени дури во зградите на јавната администрација во Грција, како и во грчките амбасади во странство. Овие карти што го отсликуваат просторот на „севековната татковина на Грците“ како што вели Кофос, нели претставуваат исто така иредентистички аспирации спрема соседите?

ПС бр. 3 Историски постскриптум

Дали оваа „најнова епидемија“ што ги зафати нашите соседи да подигаат споменици, да преименуваат улици и аеродроми со имиња од античката македонска историја е пренесена од Грција во Македонија бидејќи и Грција веќе од неодамна е „вирусана“ со антиката?

ПС бр. 3 Политички постскриптум

Неодамнешното преименување на охридскиот аеродром во „Апостол Павле“, според Г-дин Кофос ги докажува територијалните аспирации на Македонија спрема Грција преку „верски империјализам“. Е ова е навистина добра „политичка анегдота“. 

 

top of page

 

 

Watch Our Streaming Video Archive

Archive
  2007
2006
2005
2004
2003
2002
2001
2000
1999
1998
1997

Council of Europe
Framework Convention
for the Protection of National Minorities

Συμβούλιο της Ευρώπης
Σύμβαση Πλαίσιο για τηv
Προστασία των Εθνικών Μειονοτήτων

RAINBOW Party Newsletter

Macedonian News Site

Macedonian Culture & Heritage

Macedonian Human Rights Movement International