Visit the FUEN Site Visit the EFA Site Political Party of the Macedonian Minority in Greece
 

 


ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА НА МАКЕДОНСКОТО МАЛЦИНСТВО ВО ГРЦИЈА
Членка на Европската Слободна Алијанса Европска Политичка Партија (ЕСА - ЕПП)
Членка на Федералната Унија на Европските Националности (ФУЕН)
Стефаноу Драгоуми 11 ТК.. 53100 P.O 51 Тел/Факс 0030 23850 46548
http://www.florina.org Е-маил: rainbow@florina.org

read this page in English | read this page in Greek

 

5ти ноември 2007 г.

Dostaveno do:
Метју Нимиц
Специјален преставник на Генералниот секретар на ОН
Обединети Нации, Њујорк


Kopie do:
Generalniot Sekretar na ON Ban Ki Mun
Ministerkata za Nadvore{ni raboti na Grcija Dora Bakojani
Ministerot za Nadvore{ni raboti na Republika Makedonija Antonio Milo{oski


Почитуван Г-дин Нимиц,

Дозволете ни како членови на македонското малцинство во Грција да Ви се обратиме уште еднаш* изразувајќи ги нашите ставови во врска со несогласувањето на грчката држава со употребата на името „Република Македонија“ од страна на соседната држава.

За нас постојат два главни аспекти од кои може да се разгледува оваа тема. Едниот има чисто техничка содржина околу општата употреба на името Македонија, како од страна на Грција така и од страна на Република Македонија. Другиот аспект е политички и се наоѓа во рамките на општото таканаречено македонско прашање во Југоисточна Европа какво што го познаваме од почетокот на минатиот век па се до ден денес.

Кога станува збор за политичкиот аспект на прашањето пробавме и во минатото обраќање до вас да расветлиме некои страни на ова прашање. Кон ова дозволете ни да веруваме дека како членови на македонското малцинство во Грција имаме можност да го познаваме и анализираме случајот од еден специфичен агол бидејќи истовремено сме и грчки граѓани. Со други зборови имаме двојна улога, ја познаваме добро „ситуацијата на теренот“, системот во државата, грчкото општество и општите политички ставови во Грција гледајќи од „внатре“, бидејќи нашето образование, информирање и живеење не се разликува од она што го има кај грчкото општество на кое и самите припаѓаме.

1. ПОЛИТИЧКИОТ АСПЕКТ

1.1 Оспорувањето од страна на Република Грција на правото на соседниот народ и држава да го носи името што го има избрано и кое што го носи, индиректно влијае и на нашиот македонски идентитет. За нас, од суштинска важност за нашето опстојување е почитувањето на нашиот идентитет и посебност како македонско малцинство во Грција. Сметаме дека и нам треба да ни е дадена можноста слободно да си го бираме нашиот идентитет, да го уживаме тоа право и да бидеме почитувани како такви. Ако македонскиот идентитет се оспорува во целина, тогаш сметаме дека се оспорува и нашиот идентитет. За жал, ова оспорување доаѓа од државата чии граѓани сме ние самите. Правото на самоопределување и бирање на идентитет се заснова пред се на универзалните принципи за почитување на човековите и малцинските права. Истовремено како етнички Македонци на никој од нашите грчки сограѓани не им ја оспоруваме можноста да ги уживаат истите права.

1.2 Сметаме дека политичкиот аспект на прашањето претставува пред се внатрешен проблем на грчката држава. За жал поголемиот дел од грчката јавност (но и јавноста на другите држави во регионот), никогаш немаше можност целосно и објективно да биде информирана и едуцирана околу прашањата поврзани со почитувањето на личната и колективната самоидентификација на еден народ или една нација. Токму поради овој факт сме песимисти во однос на перспективата на регионот кога зборуваме за таканареченото „македонско прашање“ во целина. Нашиот песимизам се зголемува кога гледаме како се поставуваат не само грчкиот туку и бугарскиот национализам кон ова прашање, но тоа е тема за некоја друга прилика.

1.3 Грчкиот национализам ја има следнава главна карактеристика: Си го оствари националниот мит дека современите грчки граѓани се потомци и директни наследници на античката Елада, а соодветно со децении ги едуцираше и сопствените граѓани. Ова е доминатна идеологија не само денес туку од самото формирање на современата грчка држава во 1827 година. Кога грчката држава територијално го приклучи делот од Македонија во 1912-1913 година, си го прошири „митот“ и во новите територии. Со други зборови, просечниот грчки граѓанин, но и поголемиот дел од грчките политичари размислуваат вака:

„Ние сме потомци на античките Елини. Античките Македонци биле Грци. Античка Македонија беше дел од античкиот елински свет. Значи денес ние сме наследници на античкиот свет во целина на овие простори и само ние го имаме ексклузивното право на истото.“

Ова претставува идеолошка конструкција која континуирано ги диктира политичките определби на грчката политичка елита во однос на македонското прашање. Оваа конструкција е доминантна во грчкото општество. Ние како членови на македонското малцинство го отфрламе секој антички пристап кога зборуваме за современи нации-држави. Ние сме етнички Македонци во Грција врз основа на правото на самоидентификација и самоопределување како што се познати во денешниот прогресивен демократски свет.

1.4 За жал од наша гледна точка, грчкиот национализам, како и бугарскиот, сеуште се немаат помирено со фактот за постоење на посебна македонска нација. Токму тој факт е и клучот на македонското прашање. Спрема тоа, воопшто не е случајно што Грција цело време разговара за името на соседната држава кое не би содржело национални туку само географски особини. Слична политика но врз друга основа води и соседната Бугарија. Оваа идеја денес грчката дипломатија ја промовира како „компромисно решение“. Тоа значи дека за грчката страна однародувањето и денационализацијата на поголемиот дел од граѓаните на Република Македонија и индиректно на македонското малцинство во Република Грција за грчката страна претставува компромисна па дури и демократска понуда, како и „големо отстапување“ од првобитната позиција дека има апсолутно право на терминот „Македонија“. Со други зборови, грчката аргументација им го оспорува правото на постоење на еден народ и една нација како такви, како и правото самата таа нација да си го бира името, идентитетот, симболите и сл.

1.5 Суштината на внатрешниот проблем за ова прашање за Грција е одбивањето да се признае и да се почитува одделен и посебен македонски етнички-национален идентитет како различен од грчкиот бидејќи со тоа ќе колабрира грчкиот мит за национална хомогенизација форсиран со децении во државата.

1.6 Како што напоменавме и во минатото писмо, македонското прашање претставува проблем за Грција пред се поради фактот што на нејзина територија постои македонско малцинство. Овде се крие тајната на грчката аргументација околу наводниот иредентизам на Скопје. Убедени сме дека ако не постоеше македонското малцинство на нејзината територија, Грција најверојатно немаше да се противи на употребата на терминот „Македонија“ од страна на соседната држава. Аргументот што теоретски би можел да држи на европската и светската сцена за овој ирационален спор би можел да гласи вака:

„Господа претставници на меѓународната заедница! Ако државата која се наоѓа на нашата северна граница се именува со името Македонија, се плашиме дека во иднина ќе се појават иредентистички аспирации во Северна Грција од страна на македонското малцинство.“

Но такво нешто грчката дипломатија не изговара бидејќи многу добро знае дека одговорот на таквиот став не може да биде друг освен:

„Почитувајте ги правата на македонското малцинство, признајте го, за подоцна да не ви се појават проблеми со иредентизмот.“

Навистина е многу тешко да се убеди меѓународната заедница околу „скопскиот иредентизам“ ако се земе во предвид тоа дека Република Македонија претставува една мала и сосема слаба држава во однос на Грција. Македонското малцинство во Грција е всушност „слабата алка“ на ланецот на грчки аргументи не само по прашањето на иредентизам, туку и околу македонското прашање воопшто.

2. ТЕХНИЧКИОТ АСПЕКТ

2.1 Овде мораме да нагласиме дека од принципиелна гледна точка, не е фер едната страна (во овој случај Грција), да бара од другата страна (Република Македонија), да си го смени името кога такво нешто нема vice versa т.е. од другата против првата.

2.2 Почвата на техничкиот дел на прашањето се темели на фактот дека поширокиот регион на Македонија каков што го познаваме барем во последниот век, се простира освен на територијата на Република Македонија и на делови во Република Бугарија (Пиринска Македонија), Албанија (регионот на Преспа), и секако на дел од северната територија на Република Грција што исто така го носи името Македонија како посебна географска единица. Кога зборуваме за Албанија или Бугарија воопшто не се јавуваат никакви проблеми околу употребата на терминот „Македонија“ од страна на Република Македонија.

2.3Што велат фактите? Имено, во Грција не постои единствена адинистративна провинција што се вика „Македонија“. Од 13 админстративно периферии во Грција, 3 единици го носат името Македонија. Тоа се „Периферија Западна Македонија“, „Периферија Централна Македонија“ (со Солун/Тесалоники во истата) и „Периферија Источна Македонија“ во северна Грција. Иако повеќе од една периферија го носи името „Македонија“ нема никаква конфузија помеѓу овие периферии. Тоа е поради фактот што секој еден од овие три периферии има префикс („Периферија Западна“, „Периферија Централна“, „Периферија Источна“) пред зборот „Македонија“ и така се разликуват една од друга. По оваа логика, исто така не може да има конфузија помеѓу една или повеќе од овие периферии во Грција и независната и суверената држава што се вика Репубика Македонија, име што го има префиксот „Република“ пред зборот „Македонија“.

2.4 Кога зборуваме за грчката администрација, треба да потенцираме дека Грција како држава нема федерално уредување. Грција нема таква децентрализација со федеративни карактеристики во ниеден регион, или пак соодветна административна единица било на југ или на север. Истото важи и за поширокиот географски простор што го носи името Македонија во северна Грција, конкретно за горенаведените административни единки.

2.5 Мора да потенцираме дека во последните 15-20 години се воведени имињата во грчкиот јавен сектор кои што го содржат терминот „Македонија“. Најтипични примери се: „Министерство за Северна Грција“ кое со одлука на грчката Влада во 1988 година беше преименувано во „Министерство за Македонија и Тракија“, во периодот кога беше евидентно дека ќе се растури Југославија со можност за создавање на независна македонска држава. Друг таков пример е „Индустриската школа во Солун“ која беше преименувана во „Универзитет Македонија“ во 1990 година. Истото се случи и со аеродромот „Тесалоники-Микра“ кој беше преименуван во „Аеродром Тесалоники-Македонија“ во 1992 година, кога Република Македонија веќе имаше прогласено независност.

2.6 Нашата цел е да Ви покажеме дека позади сите овие преименувања во Грција се крие политичка причина. Целта е да се засили и на некој начин да и се промовира на грчката страна „македонштината“ како дел од грцизмот, односно да се добие некој вид на copyright на терминот „Македонија“. Од друга страна пак, имаме државен субјект што го носи името „Република Македонија“. Од 1944 до 1991 година постоеше Народна Република Македонија и подоцна Социјалистичка Република Македонија, како федеративна компонента на поранешна Федеративна Народна Република Југославија, а подоцна Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Додека од 1991 постои независен државен субјект Република Македонија.

2.7 Терминот „Македонија“ беше употребуван од страна на Република Македонија постојано од 1944 па се до почетокот на 90-те без никаков проблем, односно без никакви реакции од грчката страна. Впрочем постојат многу официјални документи дури и за билатералната соработка помеѓу тогашната Социјалистичка Република Македонија и Грција, бидејќи федералната единка СР Македонија, во рамките на југословенското уредување имаше можности и за такви односи, се разбира под одредени услови. Секако постојат и грчки документи во кои многу пред 1944 година се дефинираше македонштината како нешто различно од грцизмот. Такви се на пример Букварот на македонски јазик кој беше печатен во 1925 година од страна на грчката држава а кој беше наменет за членовите на македонското малцинство. Истиот имавме чест и можност да ви го испратиме. Таков е и примерот со пописниот лист од 1920 година, во кој децидно се споменува постоење на македонски јазик како таков во Грција.

2.8 Сметаме дека како во минатото, така и денес не може да има никаква „збрка“ или „забуна“ на меѓународно ниво при употребата на името Република Македонија. Овој термин чисто и јасно опишува и дефинира државен субјект. Именувањата пак на одредени региони во Северна Грција со терминот „Македонија“ се однесуваат пред се на внатрешните потреби на грчката администрација. На пример, кога би се споредувале термините „Република Македонија“ и „Периферија Западна Македонија“, ќе се заклучи дека тие се различни еден со друг.

2.9 Кога станува збор пак за универзитети, аеродроми, министерства и други субјекти во Грција што ги добиле македонизираните карактеристики во последните 15-20 години во насловите, може многу лесно на ист начин да се преименуваат или пак да си ги вратат старите називи за да нема место за никаква „забуна“, ако така смета грчката држава. А и да останат такви, пак нема да има „забуна“ бидејќи станува збор за внатрешна работа на Грција и внатрешна употреба на горенаведените термини.

2.10 Во овој контекст интересно е да се напомене дека како што нема ниту еден регион, ниту едно место во Грција што се вика Република Македонија, исто така не постојат други грчки граѓани во Грција кои се самонарекуваат етнички Македонци, освен припадниците на македонското малцинство во Грција. Значи не може да има никаква „забуна“ дури и на ова поле.

2.11 Како што споменавме погоре, пред терминот „Македонија“ постои префикс „Република“. Перифериите во Грција исто така имаат префикси пред терминот „Македонија“ („Периферија Западна“, „Периферија Централна“, „Периферија Источна“). Ако Грција сеуште мисли дека може да има „забуна“ логично би било грчката страна да си најде додатни префикси или суфикси со кој дополнително би се дефинирале административните единици во северна Грција.

2.12 Генерално гледано сметаме дека техничкиот аспект на прашањето може лесно да се реши ако стручњаците од двете страни се договорат за начинот на именување на артикли, производи, услуги и слично во билатералните одоси на двете држави.

3. ДОБРОСОСЕДСКИТЕ ОДНОСИ И УЛОГАТА НА МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА

3.1 Ние веруваме дека за да имаме постојан мир, добри меѓудржавни односи и солидарност помеѓу балканските држави и народи, треба поголемите држави на Балканот, конкретно Србија, Грција и Бугарија, конечно целосно да го испочитуваат правото на македонскиот народ за самоопределување, истовремено почитувајќи ги и правата на македонските малцинства во сопствените држави. Се разбира, сите малцинства на Балканот би требало да одбијат да станат инструменти на било која големодржавна политика, нешто што за жал се спроведуваше од страна на одредени држави и режими во минатата деценија во рамките на поранешна Југославија.

3.2 Општа е констатацијата и вистината дека кога меѓународната заедница согледа дека имаше прекршување на елементарните човекови права за време на војната во Босна и Херцеговина и подоцна во Косово, решително настапи и интервенираше дури и со воени средства, во согласност на ОН. Целта беше да го заштити населението, да го стабилизира регионот, но и да му одржи „политичка лекција“ на еден тоталитарен и недемократски режим каков што беше режимот на Слободан Милошевиќ во поранешна Југославија.

3.2 Во конкретниот случај сметаме дека меѓународниот фактор, како и ОН можат да одиграат исто така клучна улога кога станува збор за мирот, стабилноста и иднината на регионот. Сметаме дека сите овие години грчката политика делуваше крајно дестабилизирачки на балканските простори, прво со поткрепата на режимот на Милошевиќ во 90-те, како и со континуираното одбивање и оспорување на правото што го има соседната држава и народ, а тоа е правото да си го носат името што веќе го имаат избрано, а со тоа и идентитетот.

3.4 За среќа таквиот однос до сега немаше негативни последици во кохезијата и стабилноста на Република Македонија благодарејќи пред се на подкрепата што меѓународниот фактор ја пружи на оваа млада држава. Но факт е дека грчката политика индиректно ја кочеше Република Македонија сите овие години во патот кон европската и светската интеграција.

3.5 Во овие рамки се надеваме дека меѓународната заедница нема да направи грешка и да ги потхрани балканските агресивни национализми (конкретно грчкиот), со тоа што ќе го оспори македонскиот идентитет како таков. Знаеме дека токму овој државен антагонизам во почетокот на минатиот век заедно со оспорувањето на македонскиот идентитет од страна на балканските држави, ги хранеше територијалните аспирации на тогашните балкански држави. Меѓународната заедница тогаш не ја почитуваше вољата на македонскиот народ за национална и државна еманципација со што ќе дојдеше до формирање на македонска држава со посебен етнички и национален идентитет. Регионот, народите што живееле во него, а особено македонскиот народ трпеле тешки последици од таквите балкански политики како впрочем што и самите меѓународни репортери како „Карнеги комисијата“ опишуваат. Искрено се надеваме дека историјата нема да се повтори.

3.6 Поради овие причини веруваме дека меѓународната заедница треба конечно да испрати јасна политичка порака кон негативниот став на нашата држава, Грција, а во корист на Република Македонија. Веруваме дека ова ќе помогне во зародувањето на прогресивни идеолошки реформи во самата грчка држава како и во рамките на целото грчко општество, кои се неопходни за насочување на грчката регионална политика во позитивно-конструктивна насока. Ова е од исклучителна важност за мирот и стабилноста на нашите простори, особено поради тоа што се наближува разврската на „југословенската криза“ со неминовното решавање на косовскиот проблем.

Со почит,

од името на членовите на партијата
Политичкиот секретаријат на ЕСА Виножито


Анастасијадис Ставрос
Парисис Атанасиос
Воскопулос Филипов Павлос
Василијадис Петрос
Димцис Петрос
Казијас Петрос
Клигацис Пантелис
Манѕас Лефтерис
Булес Анастасиос


* Прво писмо до медијаторот Нимиц, мај 2005 година
http://www.florina.org/html/2005/2005_letter_to_nimetz.html

top of page

 

 

Watch Our Streaming Video Archive

Archive
  2007
2006
2005
2004
2003
2002
2001
2000
1999
1998
1997

Council of Europe
Framework Convention
for the Protection of National Minorities

Συμβούλιο της Ευρώπης
Σύμβαση Πλαίσιο για τηv
Προστασία των Εθνικών Μειονοτήτων

RAINBOW Party Newsletter

Macedonian News Site

Macedonian Culture & Heritage

Macedonian Human Rights Movement International