Visit the FUEN Site Visit the EFA Site Political Party of the Macedonian Minority in Greece
 

 

ПОЛИТИКА-КАТИМЕРИНИ

Аеродромите на Скопје, спомениците и библијата

Од Евангелос Кофос

read this page in English | read this page in Greek

 

Се разбира дека преименувањата на скопскиот и охридскиот аеродром во „Александар Велики“ и „Апостол Павле“ предизвикаа возбуда во грчката јавност. Еден дел од нив го видоа ова со извесна доза на скептицизам, како несериозен потег кој може да даде добар материјал на карикатуристите. Кај други пак, ја разбуди повторно чуствителноста кон фалсификувањето и присвојувањето на симболи и личности од грчкомакедонскиот идентитет и културното наследство. Кон ова чуство допринесе и информацијата за поставувањето на споменици на Александар Велики во разни градови во соседната држава (Штип, Прилеп) како и најавите за изградба на споменици на таткото на Александар – Филип, како и на неговиот учител Аристотел. Негодувањето кое се манифестираше преку изјавите на Министерката за надворешни работи Дора Бакојани, замениците министри од истоименото министерство Г. Валинаки и Е. Стилианиди го изнесе на површина „заглавениот“ проблем за разликите помеѓу Атина и Скопје околу државното име на ПЈРМ.

Би било несреќно и безвредно некој да отвори дијалог со националистичките кругови на ПЈРМ поради овие „залетувања“. Многу е поважно грчката јавност да разбере и размисли кои се причините за овој „провокативен“ потег, кој впрочем така го нарече и Европскиот комесар за проширување на ЕУ, Оли Рен.

Скептиците тврдат дека еден таков провокативен потег против Грција не е ништо друго освен уште еден дипломатски аргумент кој подоцна ќе се отстрани од масата кога ќе треба да се најде компромис за името. Но за тоа не станува ни збор. Причините се многу подлабоки и се поврзани со процесот на проширување на историскиот мит во соседната држава, кој впрочем се зајакува по прогласувањето на независноста во 1991 година.

Старата теорема околу првите почетоци на создавањето на национален идентитет на Славомакедонците-Македонци (Кофос овој збор го пишува во оригинална форма - заб. на прев.) од времето на доаѓањето на словенските племиња во Македонија (6-ти век) се прошири наназад за уште 1000 години само со цел да ги опфати и античките Македонци. И повеќе од тоа, познатата класична карта која се наоѓа во сите училишни простории а која ги дефинира географските и националните (словенски) граници на цела Македонија на југ до Олимп и Халкидики, сега се однесува на просторот на се-вековната „татковина“ на „Македонците“. (и двата збора се во оригинална форма – заб. на прев.)

Значи оваа двојно подобрена ревизија на идентитетот, на територијалната зафатнина на татковината, како и на времето на етногенезата, заедно со историскиот поход на „македонскиот народ“ создава две последици: и дава на новосоздадената држава поголем „татковински“ простор (без оглед на тоа што денес тој простор се наоѓа под бугарска или грчка власт) и го збогатува етносот „Македонци“ со голем број на историски личности и случувања. Во ова проширено минато се вклопуваат Александар Велики, Филип (4-ти век п.н.е.), првите европски христијани кои го примиле зборот на Апостол Павле при неговиот поход во градовите на македонската „татковина“ (Филипои, Тесалоники, Вероиа), како и поновиот „прадедо“, византискиот император Василиј Втори „Македонецот“ (секако дека станува збор за „бугароубиецот“, еден до еден со другиот „македонец“, бугарскиот цар Самуил!)

Овој обид секако ја нема за цел одбраната на историската доследност, туку создавање на “libro d’oro” како почитуван пасош при влезот на земјата помеѓу 27-те членки на Европската Унија.

Полека доаѓаме до најновата „епидемија“ што ги зафати комшиите да подигнуваат споменици, да преименуваат улици и аеродроми со имиња од античката грчка историја. Преку натписи во европскиот печат дознаваме дека десетици странски новинари се покануваат во ПЈРМ каде покрај понуденото богато гостопримство добиваат и доволно силна доза на „перење на мозокот“ околу новата етногенетска догма.

Помалку или воопшто во Грција не беа сфатени причините за преименувањето на охридскиот аеродром (го пишува Охрид – Ахрида на грчки – заб. на прев.) во „Апостол Павле“. Се разбира дека никој не претендира на идентитетот на Павле. Токму и затоа декларацијата од Скопје дека со овој чин намерата е да се оддаде почит на Апостолот на народите. Но сепак зад овој чин се крие уште една димензија која се користи за проширување на историската догма кај соседите. Последниве години заедно со историските акредитиви на Република Македонија (Кофос името го пишува во оригинална форма на латиница – заб. на прев.) почна да се презентира „татковината“ на „Македонците“ како библиска земја, како прва европска земја во која се создале христијанските цркви. Ова го тврдам бидејќи како стои во „Апостолските записи“, Павле кога бил во Троада, во сонот видел Македонец кој го викал да дојде во Македонија да им помогне. Тој решил да одговори на повикот, отишол во Хрисопулос (денешна Кавала) и пред да продолжи кон Атина и Коринт, го раширува зборот на Исус во Филипои, Тесалоники и Вероиа каде многу Евреи и Хелени го примиле.

Значи именувањето на аеродромот во Ахрида со името на Апостол Павле не е толку наивен потег. Ниту пак може да се смета како израз на христијанска чуствителност и почитување особено во еден регион кој е опкружен со мнозинско муслиманско-албанско население. Спротивно со фактот дека Павле никогаш нема стапнато на денешните простори на ПЈРМ, државните пропагандисти во Скопје со именувањето на аеродромот даваат две пораки: Од една страна ја присвојуваат религиозно, историски, но и туристички христијанската мисија на Апостол Павле а од друга страна ги покажуваат отворено нивните иредентистички фантазии против грчка Македонија.

Претендирањето против Филипои, Тесалоники и Вероиа (Вероиа е Бер – заб. на прев.) како делови на нивната „татковина“ веќе од првиот век, значи 5 века пред да почне постепеното доаѓање на словенските племиња кон Југ, неминовно ја создава следната математичка равенка: Ако Апостол Павле беше повикан во сонот од „Македонец“ и го ширел христијанството во три македонски градови, и ако Скопје го има ексклузивитетот на користењето на македонското име преку „уставното“ име државата, тогаш значи дека просторот, населението и историјата на Македонија исто така ексклузивно им припаѓаат ним.

Членот 7 од привремената спогодба помеѓу Грција и ПЈРМ од 1995 година го предвидува меѓу другото и следното: Ако едната од двете страни смета дека „еден или повеќе симболи од културното наследство се употребуваат од другата страна ќе и напомене на првата страна и таа ќе треба или да го поправи потегот или пак да даде објаснување зошто смета дека е оправдан тој чин“.

Грчкиот народ а особено Македонците, (мисли на Грците во Македонија – заб. на прев.) сака да знае какви активности презела грчката влада спрема Владата на ПЈРМ, и уште повеќе каков беше нејзиниот одговор. Каков и да е тој одговор, ќе биде корисно тој да се најде во досието на грчката делегација кога ќе се зборува за барањето за влез на соседната држава во Европската Унија.

 

top of page

 

 

Watch Our Streaming Video Archive

Archive
  2007
2006
2005
2004
2003
2002
2001
2000
1999
1998
1997

Council of Europe
Framework Convention
for the Protection of National Minorities

Συμβούλιο της Ευρώπης
Σύμβαση Πλαίσιο για τηv
Προστασία των Εθνικών Μειονοτήτων

RAINBOW Party Newsletter

Macedonian News Site

Macedonian Culture & Heritage

Macedonian Human Rights Movement International